« Назад на почеток или напред кон првото интервју »
#1 НН: linux.net.mk веројатно е најстариот интернет ресурс за GNU/Linux на македонски јазик. Може ли да ја започнеме приказната од самиот почеток: како сѐ започна? И колку години имавте тогаш?
АА: Ако беше 1999-та година, значи сум имал 14 години. Се собиравме на каналот #makhack на IRC, луѓе од скоро цела Македонија, се сеќавам дека уште од тогаш идејата беше да се научи нешто повеќе, тогаш бар за мене новиот оперативен систем GNU/Linux беше нешто што го познаваа само вистинските хакери и нормално како и секое дете со компјутер покрај играњето игрици сакав и да научам нешто повеќе. Се сеќавам дека го имав расклопено и склопено цел компјутер безброј пати, тоа го правев по цел летен распуст уште во основно школо, реинсталирав оперативни системи и го расклопував-склопував компјутерот.
Тоа време некаде луѓето што се собираа на каналот, ај да речам под водство на Иван (бидејќи тој беше постар и полн со идеи :)), решија да направат веб сајт со ресурси за GNU/Linux на македонски јазик, така всушност почнавме да работиме на првата верзија на она што потоа прерaсна во linux.net.mk.
ИС: Идејата за македонски портал за GNU/Linux се роди некаде на почетокот на 2000-та. Тогаш имав 18 години и огромна желба за истражување на интернет просторот но и потреба некако да допринесам кон истиот. Најпрва верзија на порталот беше „сајтче” со домејн linuxmk.cjb.net (ахрива) што претежно содржеше статички html страници. Нешто подоцна, на почетокот на 2001, се појави нова инкарнација на порталот со адреса linuxmk.orgg (архива) која работеше со помош на php-nuke, еден од постарите софтвери за менаџирање на содржини, издаден под слободна лиценца. Првично порталот беше пристапен преку адресата www.linuxmk.org, а подоцна успеавме да регистрираме и македонски домен, со што www.linux.net.mk стана официјалната адреса на порталот. Го работевме во главно јас и Арангел и повремено различни други луѓе од тогашниот ирц канал #makhack. Првите неколку години сајтот функционираше благодарејќи на еден виртуелен пријател од Индија, кој за возврат за некаква услуга поврзана со Linux, ни понуди да го хостира сајтот на моќен сервер и со тоа ни овозможи пристап до некои понапредни технологии.
ИАП: За мене светот доби нова димензија, откако во 1998-ма година ја добив првата интернет конекција. Тогаш имав 14 години и веќе бев прилично заинтересиран за програмирање (Pascal и C). Интересот за програмирање, условите за интернет и потребата да научам повеќе за сѐ што до тогаш знаев за кратко време направија да се најдам на IRC на #makhack каналот.
Таму ги запознав Иван и Арангел меѓу другите, а колку што се сеќевам, главната цел на сите ни беше да хакираме (било што хаха :) ).
Моето прво GNU/Linux искуство беше со Red Hat 5.1 некаде на крајот на 1998-ма година. Покрај тоа што сакав да ги „трчам“ отворените алатки за „хакирање“, сфатив исто така дека GNU/Linux е одлична платформа да продолжам да учам да програмирам (отворен и слободен код до кернелот и другите апликации)
Покрај безброј непреспани ноќи проведувајќи со сите на #makhack и со огромни телефонски сметки на грбот на нашите родители, некаде во 2000та, Иван даде прилично конструктивна идеја како да го ставиме во некаква фунцкија нашето време и искуство поминато со GNU/Linux и општо слободен софтвер.
Така се роди идејата за македонски GNU/Linux портал linux.net.mk, односно вебсајт преку кој македонската популација ќе има можност да биде во тек со случувањата и ресурсите од светот на слободниот софтвер.
#2 НН: Кога прв пат инсталиравте GNU/Linux?
АА: Негде кога имав 12-13 години од другар позајмив Red Hat 5.1 кој што го инсталирав и реинсталирав едно сто пати. Тоа ми беше првата GNU/Linux дистрибуција, немаше KDE, немаше GNOME, само X и CDE ако не се лажам на некое бонус CD. Тоа беа почетоците за мене, после тоа почнав да го пратам развојот на Red Hat дистрибуцијата и да ги инсталирам сите понови верзии кои што излегуваа. За разлика од денес беше PITA да се дојде до нова верзија на омилената дистрибуција бидејќи Интернет врските во тоа време одеа максимум до 128к и тоа во ретки случаи бидејќи ISDN во тоа време беше луксуз и обично го имаа само поголеми компании и интернет кафиња, во мојот случај пошто немав соодветен модем 14.4k. :)
[Еве како изгледаше тоа за оние што не виделе), Ваден ставан милијарда пати во туѓи компјутери и носен во ранец, пошо беше од постарата генерација на хардверски модеми кои што работат под Linux по default, без дополнителни драјвери.]
ИС: Пролетта 1998-ма година, по некоја случајност добив 4 цд-а со SuSE Linux 5.2 и откако не успеав да најдам никој што би можел да ми објасни што точно да правам со нив, решив да откријам сам и ги инсталирав на мојот компјутер. Следеа еден куп непреспиени ноќи поминати со читање форуми, инсталирање нови дистрибуции, компајлирање кернели...
ИАП: Крајот на 1998-ма. Инсталацијата на GNU/Linux во тоа време беше огромен технички предизвик за мене. Од креирање на партиции мануелно, до инсталирање на екстра пакети и апликации од 6-7 различни CD-иња (нешто што на времето се викаше Linux Power Tools), до подигање на X сервер за какво такво графичко искуство. Важно е да се спомне дека во тоа време интернет брзините и цените на интернет услугите беа екстремно обратно пропорционални, што додаваше дополнителна тежина на техничките предизвици со кои се соочувавме за да одржуваш и „трчаш“ едноставна GNU/Linux Desktop дистрибуција. На крајот мислам дека баш тие услови, на сите (несвесно) ни беа во прилог поради дополнителната стимулација за константна надградба на знаењата и искуството со слободниот софтвер.
#3 НН: Беа потребни неколку години да се собере поголема група GNU/Linux ентузијасти во Скопје. Ако не се лажам сите бевте учесниси во тие рани дебати за формирање на Слободен софтвер Македонија. Гледајќи наназад, дали мислите дека тоа беше добра идеја?
АА: Можам слободно да кажам дека 2с.мк е една најпозитивните работи кои што ми се случиле во животот, на овој или оној начин бев активен во организацијата уште од самите почетоци па се до ден денес и искуството кое што го стекнав во разни области низ годините е непроценливо за мене. Почнувајќи од техничкото знаење што го стекнав кога требаше да се прави нешто како Live GNU/Linux на македонски јазик како проектот МаЛинА, па се до техничките детали поврзани со локализација на софтвер. Научив многу и за меѓучовечките односи како и тоа како треба да функционира една заедница за слободен софтвер. Мислам дека 2с.мк е инкубатор за паметни млади луѓе кои што ги разбираат и ценат придобивките на слободниот софтвер, еден вид на отскочна даска за понатамошно продолжување на ширење на идејата за истиот (што е и супер, тоа и ни/ми беше идејата - барем на мене). Но пред се, она што ја прави 2с.мк различна од останатите невладини организации секогаш бил фактот дека работите се поставени прилично хоризонтално, никогаш сме немале директор, никогаш сме немале „човек со последниот збор“ или некој кој што одлучува сам за се. Никогаш не сме работеле со големи пари. 2с.мк постои веќе 10 години и за најголем дел од акциите што ги има спроведено, се има финансирано од џебот на своите членови или џебот на пошироката заедница, што за мене претставува огромен успех и позитивен пример за тоа како може едно граѓанско здружение да функционира без огромни грантови и сепак да прави нешто корисно за општеството. Слободен софтвер Македонија е #winning од кој што може да учат сите кои што се заинтересирани да променат нешто за подобро во државата а не успеваат да влезат на листата на спонзорирани организации од страна на големите фондации. Се што треба е желба и многу работа.
Од друга страна, не сум сигурен колку добро успеавме да ја пренесеме нашата идеја, нашата мотивација, нашата страст за тоа што сме го правеле на помладите членови во заедницата. Понекогаш кога правиш нешто со години и си во средина со луѓе кои што те разбираат, ги делите истите вредности и работите заедно на заедничка цел лесно е да се заборави дека доаѓаат и нови луѓе на кои што им е потребно водење, на кои што треба да им се приближи она што сме го развивале како однос и култура со годините. Па еве би сакал уште еднаш тука да им се обратам на сите заинтересирани, стари и млади членови на КИКА и општо на заедниците. Да се изгради нешто како хаклабот КИКА потребна е голема посветеност и љубов, понекад и пожртвуваност, ако сакате да го задржите ќе треба да се вложи токму тоа, љубов, посветеност, пожртвуваност. Одговорноста за правењето на работите кои што не ни се интересни а е нужно да се направат паѓа врз сите. Се додека постојат луѓе што се спремни да улетаат и да го направат тоа што треба да се направи за да постои тој простор, ќе постојат и нови луѓе кои што ќе се приклучуваат да придонесат и да почнат да работат на нови интересни проекти во просторот. Едноставно „look at the bigger picture“. И да не го тупам повеќе ова е тоа и добри работи ќе се случуваат. :)
ИС: Формирањето на 2с.мк беше одлична идеја и веројатно најдоброто нешто што можеше да се случи за таа мала група на ентузијасти кои ја започнаа организацијата. Иако мислам дека на моменти непотребно заглавувавме во класични НВО бирократии, сепак стекнавме еден куп искуство за кое сум сигурен дека многумина од нас значително им користело на личен и професионален план.
ИАП: Да, да и да. :-) За мене лично во тој период најважно беше постоењето и свесноста за идејата за слободен софтвер како и фактот дека има други истомисленици во Македонија на таа тема. Всушност, за мене, најважноо од секогаш беше идејата за слободен софтвер да не умре во главите на другите луѓе, отколку постоењето на формална институција или организација која ќе ги обедини луѓето под еден идеолошки кров. Слободен софтвер Македонија е најдоброто нешто што можеше да се случи во тој период земајќи предвид колкав беше бројот на луѓе што работеа со GNU/Linux и општо слободен софтвер.
#4 НН: Првите активности на организацијата беа преведувачки маратони. Дали сѐ уште мислите дека да се има софтвер на македонски јазик е важна работа?
АА: Имаше огромен потенцијал Македонија да стане една од првите земји во светот со целосно локализиран слободен оперативен систем на својот официјален јазик, и бевме многу блиску до тоа. Неколку години по ред само со помош на волонтери го држевме преводот на популарната desktop околина GNOME на 100%, го преведовме OpenOffice.org (сега LibreOffice) како и производите на Mozilla (Firefox, Thunderbird), KDE итн. Верувавме дека ќе успееме да ја отстраниме јазичната бариера како проблем за луѓето што не користат компјутери, дополнително софтверот му беше секогаш достапен на секој со Интернет врска или CD-ROM уред.
Но, влетаа приватни компании, тендер за локализација од страна на USAID и Владата на РМ и можете да претпоставите како заврши работата - ги земаа парите за нешто што ние го работевме со години со што беше зададен голем удар на моралот на луѓето што се занимаваа со локализација и сета активност околу тоа едноставно замре. Локализацијата е континуиран процес и не се решава со quick fix како што македонските политичари се навикнати да решаваат се во државата, така да нивниот quick fix тотално ја растури заедницата на луѓе што се занимаваа со локализација (со исклучок на Mozilla екипата) и преводите се на прилично истото ниво од времето кога прекинавме да се занимавaме со тоа, некаде во 2008 година. И покрај обидите на 2с.мк да укаже дека тендерот е штетен за постоечкиот екосистем не наидовме на слух од ниедна страна.
ИС: Да. Татко ми стана солиден корисник на компјутер за само една година, благодарение на преведениот GNOME.
ИАП: Ухх...незнам, ваљда не :-), ИКТ светот некако има тенденција да се глобализира уште повеќе, ама може и грешам.
#5 НН: Која е приказната од нашата заедница од изминативе 10-15 години на која најмногу се смеете?
АА: Не би издвоил една, најубаво сме си поминувале на локалните и регионални дружења со останатите луѓе од регионот кои што се занимаваат со слични активности. На оние што не биле на ниеден НСНД досега строго препорачувам да отидете и сигурно ќе научите многу нови работи и ќе се дружите со супер луѓе што работат на навистина интересни проекти. Морам да признаам дека најинтересни досега биле патувањата на кои што ни се придружувал и Глиша. :) Од последните патувања, 27c3 Берлин и 29c3 во Хамбург, или Chaos Communication Congress, најголемата хакерска конференција во Европа, нема една приказна, целото патување е циркус, забавата и смеењето не престануваат. :)
ИС: Катастрофалниот обид на Илин да ме спаси од опасните вртлози на Маркова река. :-)
#6 НН: Вие тројца бевте и првите кои своето хоби успешно го поместија во платена работа во RedHat - еден од лидерите во светската ИКТ индустрија кога станува збор за GNU/Linux. Можете ли да кажете нешто за тоа искуство?
АА: Различното кај RedHat беше што внатре во компанијата се водеше голема грижа за културата на (како што го викаа тие) „open source“ заедницата. Имаше еден куп работи насочени кон тоа целата компанија да функционира многу слично како и заедниците што развиваат слободен софтвер. Прво не ми се веруваше дека бев примен во компанија во која што колеги ќе ми бидат Alan Cox, Mark Cox (едниот е kernel, а другиот Apache хакер) и слични фаци кои што ги знаев од претходно нормално, само од Slashdot и сл. :) Беше исполнување на сонот дефинитивно, посебно дека RedHat беше дистрибуцијата со која што почнав да учам и ја користев можеби најдолго до тогаш. Условите за работа беа фантастични, и луѓето кои што ги запознав беа навистина исклучително талентирани фаци од кои што научив многу работи, со некои од нив се дружам до ден денес, се на се одлично искуство и барем за мене добра отскочна даска за да продолжам да го работам она што го сакам.
ИС: Добивањето работа во Red Hat за мене беше остварување на еден сон. Едноставно упорноста се исплатеше и после речиси 10 години волонтерска работа со Линукс, дојде времето да добивам плата за работа исклучиво поврзана со слободен софтвер. Последните 3 години работам во одделот за безбедност на информации, така што задоволството е сега двојно бидејќи хакирањето ми е една од официјалните работни задачи.
ИАП: Многу е долго ова... :-)
#7 НН: Победи ли GNU/Linux над неслободните технологии?
АА: Зависи што сметаме за победа. GNU/Linux во денешно време се користи на повеќе embedded уреди отколку што можете да замислите, Android работи на Linux кернелот, Apache е се уште број 1 веб сервер во светот (бар така беше кога проверив последен пат), иако Nginx барем на мене ми изгледа дека ќе прерасне во достојна замена многу брзо :)
GNU/Linux дистрибуциите се модерни оперативни системи кои што сериозно се користат во сите сфери веќе долго време, доказ за тоа е и големата побарувачка на програмери и администратори за развој и оддржување на овие платформи (секако со исклучок на Македонија, која што не е и некој пазар/пример). Но и ден денес постојат корпорации како Apple и Microsoft кои што се уште произведуваат неслободни технологии кои што за жал се конзумираат од страна на огромен број на луѓе низ светот. Мојот конечен одговор би бил: на пат сме натаму, како ќе заврши не знам, но знам дека додека владите не почнат да го преферираат слободниот наспроти неслободниот софтвер, посебно кога се работи за пари на даночните обврзници, се до тогаш имаме огромен проблем и борбата продолжува.
ИС: Зависи. За мене лично Линукс е победник. Го користам веќе 10 години на мојот личен компјутер, на сите сервери што ги одржувам, а последните 4-5 години го имам и на мобилниот телефон.
ИАП: Да, според мене мислам дека победи, а и самата застапеност на GNU/Linux е сѐ уште во пораст. Можеби не победи како што РМС или Товарлдс би очекувале, но она што е важно е дека мојата лична визија и очекувања што ги имав пред 10 години се веќе надминати, со оглед на тоа што се случува денес сo GNU/Linux, особено со експлозијата на мобилните телефони, отворените хардверски платформи, итн.
#8 НН: Дали мислите дека е возможно во „облакот“ да ја имаме истата компјутерска слобода како на „десктопот“?
АА: Само ако облакот е на хардвер контролиран од нас самите, енкриптирани дискови, OwnCloud, OpenVPN, да си бидеш сам на себе свој CA и тоа. Се дотогаш вашите податоци не се 100% безбедни. Владите и корпорациите се CA (Certificate Authorities) и можат да издаваат SSL сертификати за било кој домен. Видовме дека истото се случи неколку пати во изминативе неколку години, така што ако сакате да имате безбедна врска со вашите податоци на вашиот cloud, без никој да ви го пресретнува сообраќајот патем, единствен начин да го постигнете тоа е да си ја поставите инфраструктурата сами. Како и да е ако имате FinFisher на десктопот, meh...
ИС: Не. Податоците се секако твои, но облакот физички му припаѓа на провајдерот и оттаму тој ги одредува (и менува) правилата. Десктопот од друга страна е постојано и целосно твој.
ИАП: Па, не би рекол баш. Поинаков е концептот на „слобода“ што го добиваш во „облакот“ за сметка на некои други слободи што претходно си ги имал на „десктопот“. Правилата на игра и менаџмент се различни и не секогаш добиваш целосна контрола врз сите ресурси кои што ти се дадени за користење, како што е случај со десктопот.
#9 НН: Дали би се опишале себе си повеќе како хакери или како активисти? Зошто?
АА: Не сум програмер хакер тоа е сигурно, иако знам да напишам по некоја линија за скриптите што ми се потребни за автоматизирање на работи, како и да расипам по некоја python скрипта што функционира добро како што е.
Би рекол нешто помеѓу, отсекогаш повеќе ме интересирала технологијата и таму би рекол дека имам повеќе вештини развиено, но во последно време многу повеќе сум загрижен за слободите кои што ни се одземаат како на Интернет така и во реалниот живот секој ден се повеќе и повеќе. Бидејќи се работи за тема која што за жал не им е интересна на повеќето луѓе, и најверојатно ќе остане така се додека не стане предоцна, сепак пробувам да трубам наоколу за тоа што се случува колку што можам повеќе.
ИС: Хакер. Пред 7-8 години дефинитивно повеќе бев активист отколку хакер.
ИАП: Тешко да се опишам како едното или другото. Повеќе би рекол футурист со желба да контролира „непослушни“ машини. ;-) На тоа бар и ми се сведува професијата последниве 10 години :)
#10 НН: KDE или GNOME? :-)
АА: GNOME, Awesome, али моментално i3 имам на лаптопот. :)
ИС: До пред 2 години користев GNOME, потоа XFCE а во моментов користам KDE. There is no silver bullet. :-)
ИАП: Долгогодишен љубител на GNOME 2.X, а моментално MATE корисник.