#1 НН: Има приказна од Скопје и приказни надвор од Скопје. Барем на почетокот вие бевте дел од вторите. Се сеќавате ли на вашите почетоци со GNU/Linux?

АДБ: Да, таман работа да не се сеќавам. Со хипстеро-хакерско расположение да програмирам C и да учам да кракирам лозинки, а под „менторство“ на дел од тогашната активна заедница, инсталирав RedHat 5.2 кој што доаѓаше во некоја книга од типот Спровочник за Хакери (купена од Кај Попа во Софија). После 5(наесет) обиди и многу форматирања на мојот 6.4гб диск успешно инсталирав систем на кој не ми работеше модемот, звучната картица, и уште 13 други нешта. Она шо ја прави приказната оригинална е дека после (повеќе од) 10г. уште користам GNU/Linux како примарен систем за работа и приватно и професионално. Како шо се вели во Прилепчаните 11:27, Нов Завет: „и тој не си ја продаде душата на Џаоло“. Паметам се како ден, дури и поќе од шо треба.

Сметам дека тие шо користат неслободен софтвер се технолошки површни. Секако, не на ниво на навреда туку на ниво на лично видување на поедини екипи со кои секојдневно се соочувам работејќи и за кои сфаќања не можам да се изначудам.

ЗД: Како да не се сеќаваш на она што ти го променило животот :) ? Кога се запишав средно електро, тогаш прв пат реално работев на компјутер. Тогаш се појави желбата за компјутерите а GNU/Linux дојде 2 години подоцна. Се сеќавам барав македонски списанија за копмјутери и тогаш за прв пат купив „PC Info" и прочитав една статија за GNU/Linux која имаше многу пофални зборови а и ми се виде многу интересно. Статијата беше напишана од „Ufo“ а.к.а. Арангел Ангов, и можам да кажам дека поради неговите зборови ден денес работам и живеам со GNU/Linux :) Потоа следеа денови и ноќи непреспиени. Најдов модем, се закачив на интернет (од 12 сабајле до 6 сабајле пошто беше ефтино :) и почна некако да се движи напред работата. Ја најдов скопската екипа на GNU/Linux корисници на IRC, ми помогнаа многу и научив многу од нив. Ми испратија RedHat 5.2 и го проработував глушецот и X серверот цела вечер, тоа беше моето прво искуство со GNU/Linux. Од тој момент па до ден денес, не го менувам па што сака нека е :)

ВС: Како вчера да беше. 1998-ма ми донесоа 6 cd-a со Mandrake Linux (не знам која верзија) купени од тезга во Благоевград :-) Пробав да инсталирам dual boot со Windows ME и нормално компјутерот го направив неупотреблив. После 5-6 обиди успеав да добијам употреблив dual boot компјутер и магијата почна :-) Зошто Linux? Па у тоа време бев крајно револтиран од Windows ME, философијата на Free Software беше многу слична/блиска на хипи филмот во кој бев, а највеќе што во Linux секогаш има нешто ново за учење, никогаш не е досадно. Плус беше/уште е cool да знаеш Lunux, одма те гледат со други очи :-) (страшно хакериште, чудак, што си замислува тој дека е...).

#2 НН: Имаше ли поголема заедница Битола и Кочани? Што се случи со неа?

АДБ: Имаше луѓе кои ги интересираше движењето за слободен софтвер на сериозен и зрел начин - не само за да покажат на другите колку се поразлични. Не велам дека останатите не беа сериозни и зрели (иако имаше добар дел практично деца), времето ми кажува дека не успеаа да го идентификуваат софтверот што го користат со нивната реална технолошка идеологија. Тоа значи, добар дел се „вратија“ на Windows, добар дел пак си купија Mac-ови и си користат OS X. Исто - нема никаков проблем во тоа затоа што изборот на корисникот треба да биде примарна и елиминациска идеја при дискутирањето на популарните технологии. Тоа кажува дека не можеш на корисниците да им наметнеш користење на слободен софтвер (па и било што), туку едноставно да им кажеш дека покрај црвениот делишес на пазарот има и јонатан - само без црвчиња. Жалам што откако јас лично се преселив со работа и живеење во Скопје (барам кригла пиво по објаснување на околностите) - практично заедницата во Битола прекина да постои. Искреноста и ажурноста пропадна и немањето на „лидер“ докажа дека ние не само што не сме зрели за било каква технолошка револуција туку и самиот податок шо најжустрите критичари на технологиите од рангот на Windows и Mac OS X - денес ги користат истите.

ЗД: Кога почнав со GNU/Linux имав голем проблем, немаше со кого да направиш муабет на тема GNU/Linux а камоли пак да споделуваш одредени познавања и искуства. Моето учење комплетно се базираше на учење дома сам на интернет и со помош на IRC и Google (па и Yahoo) :) По некое време таму кај што одев на Англиски јазик на компјутерот инсталирав тогашен Mandrake Linux (сега Mandriva) и после часовите се појави еден човек 2 пати поголем од мене и ми вика „Шо е тоа бе?“ :) и ете ти го Владо. Од тогаш барем имав со кој во градот да разговарам и споделувам на таа тематика. Времињата си поминаа и не најдов друг кој беше вистински заинтересиран за GNU/Linux и да го користи секојдневно. Во Кочани никогаш немало заедница на GNU/Linux корисници а и како што стојат работите нема ни да има, за жал.

ВС: Во Кочани за жал освен мене и Зоки не се појави некој посебно заинтересиран за GNU/Linux. Така да со Зоки останавме единствени линуксаши во градот, а бидејќи и двајцата се преселивме во Скопје значи ниеден :-(

#3 НН: Која беше вашата главна работа во заедницата? Каде придонесувавте најмногу?

АДБ: Координација на заедницата на слободен софтвер во Битола, ги терав луѓето да се дружат, им помагав, им испраќав дискови, инсталирав дистрибуции, одев од дома по дома па им ги конфигурирав модемите. Најмногу придонесував во реализирањето на желбата да се направи нешто за сфера чие постоење и состојба во моментот не ми се допаѓаше.

ЗД: Знам првиот пат кога дојдов да се сретнеме со заедницата на GNU/Linux корисници во Скопје, беше повод маратон за превод на слободен софтвер за канцелариско работење или поточно OpenOffice v.1 - маратонот траеше 2 дена? Може и 3 да беше, се немаше осет за времето. Тоа прашање беше прилично актуелно во тоа време, слободен софтвер на македонски јазик и мојот фокус во наредните 4-5 години остана преведувањето на KDE работната околина и уште неколку маратони за превод на OpenOffice. А и имав уште многу за учење, па почнав да ги „чешлам“ сите можни GNU/Linux дистрибуции. Не можам да кажам дека многу сум допринел туку кога можам допринесувам во било кое поле. Дали е превод, упатство за работа, обука на луѓе за работа со GNU/Linux и помагање на сите околу мене да ја разберат околината и филозофијата.

ВС: Исто како Зоки прв пат почнавме со маратонот за OpenOffice v.1, па KDE пакети, па после му запнав на Gimp и го преведов скоро 90%, па потоа станав главен координатор за преведување на OpenOffice 2. Имав напишано и книга, упатство за Linux за почетници која никогаш не ја издадов, а со цркнување на еден hard disk неповратно ја изгубив. Ова интервју би го искористил ако некој со кој ја споделив на времето ја чува, да ми прати копија :-)

#4 НН: Ги поставувам прашањата во минато време, но ми се чини дека веќе подолго време никој од вас не е премногу вклучен во случувањата во локалната заедница. Се уморивте ли?

АДБ: Како активист не се уморив - само ми помина меракот. Секако - користам уште колку што е можно повеќе слободен софтвер, ама немам нешто желба да продолжам да бидам активен како активист. Не сум вклучен во движењето и не намеравам за скоро пак да се активирам, можда (под)остарев па веќе не знам да се снајдам во целокупната гиковска некоординираност и неодговорност.

ЗД: Не сум уморен, туку со тек на време се отворија и други видици во мојот живот. Секој ден поминувам барем 10 часа со слободен софтвер и постојано сум опкружен со луѓе од исти калибар. Сметам дека е доволно на дневна база. Не можам да кажам дека не сум активен како активист, туку сум активист на своја рака :) не значи дека треба да бидам постојано со заедницата за да бидам активист. Преостонатото време го посветувам на другите делови од мојот живот :)

ВС: Премногу обрвски, премногу деца за чување, премногу години зад мене и да се изморив. Мислам дека престанав со активно учество во случувањата после познатиот случај со крадењето на преводите. Тотално изгубив волја да продолжам со работата која ја работев од љубов без никакво очекување на некаква финансиска надокнада.

#5 НН: Гледајќи на изминатите 10 - 15 години, кој е според вас наважниот настан поврзан со слободен софтвер што се случил во светот?

АДБ: 27 септември 1983 (мора да споменам: 6 дена после мојот ден на раѓање).

ЗД: Објавувањето на GNU проектот, мислам дека од таму почна се. Иако не е во последните 10-15 години, за мене убедливо најзначаен настан во историјата на слободниот софтвер. Но, повеќе случувања ми се многу драги (објавувањето на Linux јадрото, на Debian и слични проекти кои се за општо добро).

ВС: 25 Август 1991.

#6 НН: А во Македонија?

АДБ: Може 2? 1. Протестот на Слободен софтвер Македонија пред одржувањето на Визија (Универзална Сала) и 2. Доаѓањето на RMS во Скопје (3-ти јуни 2010).

ЗД: Не може да се одвои само еден настан, да се разбереме :) Најпрво за мене беше многу значаен маратонот за превод на OpenOffice v.1, бидејќи ја запознав заедницата. На второ место е објавувањето на организацијата Слободен софтвер Македонија која сметам дека е крајно значајна за подобрување на многу аспекти во заедницата и општеството. И за крај доаѓањето на Ричард Столман. Никогаш во мојот живот немам видено толку народ во нашата драга држава да биде заинтересиран за слободниот софтвер :)

ВС: Јас би се одлучил за првиот маратон за преведување на OpenOffice v1. Некако од тогаш почнаа масовни случувања за промоција на слободен софтвер во Македонија.

#7 НН: Користите ли слободен софтвер на македонски јазик?

АДБ: Не.

ЗД: Сега не, но порано користев интензивно. Би користел пак кога би имале тим кој постојано би го средувал (ажурирал) преводот за софтверот кој го користам. За жал, тие активности згаснаа а јас лично немам немера пак да преведувам. А клучното прашање е за кого да преведувам? За луѓе кои се незаинтересирани да користат слободен софтвер на македонски јазик или слободен софтвер воопшто? Во тековното наше општество тоа нема да се случи, пак за жал.

ВС: Да, секојдневно Firefox, OpenOffice (сега LibreOffice) и KDE околината секогаш ми е на македонски.

#8 НН: Работите во ИКТ секторот во Македонија. Беше ли GNU/Linux корисен за да се најде работа? Според вас, имаат ли линуксџиите некаква предност?

АДБ: Да, првата работа ја најдов на основа на потребата на фирмата за вработување на човек кој ќе знае GNU/Linux и Qt. Ех, убава комбинација.

ЗД: Во мојата ситуација GNU/Linux беше клучен за да најдам работа, бидејќи тоа и сакав да работам. Работата ми е 90% со GNU/Linux и Unix системи, а 10% со M$ Windows. Луѓето кои професионално работат со Linux ги имаат сите предности пред другите освен во фирма каде што се бара исклучително Microsoft технологии. GNU/Linux преовладува во Интернет светот и неговото присуство само ќе се зголемува. Секој кој ќе се реши да работи со GNU/Linux и слободен софтвер, нема да згреши и може само да добие повеќе.

ВС: Да, првата работа ја најдов во фирма која бараше напредно познавање на Linux. Линуксџиите бидејќи се дефицитарен кадар во Македонија имаат мала предност при вработување, поголеми плати...

#9 НН: Која нова технологија би ја учеле (или ја учите сега)? Зошто?

АДБ: Google GO - чисто ради чешање краста, а би го продлабочил знаењето во Python - пошто е супер јазик (со супер фрејмворци, додатоци и шлагови). И со двете би работел ништо во МК, а професионално засега останувам коренито на Android.

ЗД: Веќе некое време го меркам Puppet (Server configuration management). Повеќе инфо тука. А можеби ќе почнам да го учам и Python, но би дал предност на Puppet. Бидејќи како систем администратор, можноста автоматски да поставувам сервери според нивната намена, исто и автоматизација на одредени операции на оперативните системи преку претходно дефинирани правила е многу примамлива за мене :)

ВС: Одамна се терам да најдам време да спремам околина за проучување на Cloud Computing, ама никако да почнам. А и после последните случувања со шпионирањето од страна на NSA мислам дека ќе се изгуби еланот околу Cloud Computing.

#10 НН: Линус Торвалдс или Ричард Столман? Зошто? :-)

АДБ: Тоа е како да треба да одлучам дали сакам чоколадо или сладолед кога зборуваме за топло-ладно. Ричард Столман - пошто имам играно оро со него, за жал недокументирано. Линус Торвалдс пошто е директен реалист со крајно високи програмерски квалитети за кои не треба многу дискусија.

ЗД: Јас тука ќе кажам Ричард Столман. Тој го почнува движењето, тој ја пишува GPL лиценцата тој на некој начин го менува мислењето и начинот на работа во IT светот. Помеѓу другото, тој се бори за слободата на корисниците т.е. тој се бори за слободно општество, нешто што Линус не е заинтересиран воопшто да го прави. Без Столман немало да има слободен софтвер, немало да има GNU проект (GNU core utils, glibc, gcc, GPL license), а без овие напоменати работи немало да има Linux јадро.

ВС: Повеќе вагата ми оди кон Линус Торвалдс бидејќи е практичар, и успеа да создаде реален опиплив краен производ кој е користен од милиони луѓе. Столман е повеќе по идеологијата, а бидејќи јас сум повеќе по практиката па...