« Назад на почеток или напред кон првото интервју »
#1 НН: Сеќавањето не е секогаш најдобриот извор на информации, но мене ми се чини како вие тројца да се приклучивте во заедницата за слободен софтвер отприлика во исто време. Кое е првото искуство што го имавте со локалната заедница?
ИТ: Доколку имало некаков контакт пред 2005 година бил преку IRC или на мејл листа. Во 2005 година во Софија имаше конференција (WebTech) на која меѓу другите предавање држеше и Ричард Столман. Во автобусот накај Софија беа и Дамјан и Стама, па им се придружив. На средбите во Скопје почнав да доаѓам веројатно во 2007 година, затоа што тоа беше единствената група на луѓе (за кои јас знаев) кои имаа исти или слични интереси како мене.
ВП: За заедницата прв пат слушнав кога се планираше првиот собир на групата на Python корисници во 2010 година во старите простории на хаклабот КИКА. Од почеток енергијата беше супер, сите беа расположени и отворени. Дружењето и работењето со луѓето во заедницата ми беше сосема различно од сите претходни искуства.
АЛ: Првото искуство го имав преку IRC каналот #lugola, каде што се запознав со повеќето од членовите. Првичната комуникација се одвиваше преку IRC, а подоцна кога се пројави идејата за организирање на СподелиЗнаење се вклучив со организирање на настанот во средното техничко училиште во Штип. Подоцна се запишав на факултет во Скопје и така продолжив да учествувам во локалната заедница.
#2 НН: Илин, првиот хаклаб беше во твојата гаража? Може да раскажеш како се случи тоа? Какви се вашите сеќавања за тој простор?
ИТ: Во тој период останавме без Точка и Клуб на новинари како места каде што се среќававме. Мислам дека имавме доволно моментум и почнавме да разгледуваме опции како да продолжиме понатаму. Гаражата беше слободна, локацијата одговараше и во тој момент веројатно беше најдобрата опција за да продолжиме без поголеми прекини - мислам дека добро си ја заврши функцијата.
#3 НН: Дали мислите дека сме се подобриле или влошиле од тие рани денови, и како?
ИТ: Мислам дека условите и заедницата се подобриле од раните денови. Инфраструктурно хаклабот е во многу подобра форма со многу повеќе простор за различни активности и дружење. Бројот на посетители и членови се зголеми и активностите во хаклабот се поразновидни од порано. Еден од проблемите што веројатно сеуште не се комплетно надминати е одржливост на хаклабот како простор во може да се разменува знаење и искуства во областа на информатиката, електрониката, слободниот софтвер и слободната култура.
ВП: И едното и другото, едни работи се подобри други полоши. Сега заедницата е збогатена со ресурси, програмата е многу поразнолика, вклучени се повеќе луѓе и заедничкиот придонес е многу поголем од оној на почетокот, но морам да признаам дека во почетокот многу повеќе се осеќаше слободарскиот дух. Мислам дека тоа беше последица на големиот ентузијазам во тој период, а веројатно и старата локацијата на хаклабот влијаеше бидејќи спратот од геолошкиот институт го делевме со „Арт институт“, така што во зградата секогаш имаше луѓе со кои можеа да се споделат интересни работи. Сегашните простории се дупло поголеми, убаво се средени, може паралелно да се одржуваат повеќе работилници и да присуствуваат многу повеќе луѓе, а има и убав голем двор со романтично RGB светло за убав помин во осамените хакерски ноќи. Тоа можеби привлече и одредени групи кои погрешно го прифатија просторот и одеа надвор од нормите кои беа наметнати од заедницата, но за среќа сите проблеми се решија брзо и сѐ продолжи да се одвива во најобар ред.
АЛ: Би рекол дека работите се подобриле. Заедницата брои повеќе членови, имаме физички простор - хаклабот КИКА кој активно функционира и има поголема динамика. Секогаш има нови идеи и ентузијазам за нивната изработка. Се разбира дека на патот сме се среќавале и со разновидни пролеми, но секогаш сме наоѓале начин за нивно надминување.
#4 НН: Алекс, ти го организираше првиот поголем НСНД настан во Македонија во Штип. Како се случи тоа? Кое е вашето гледање на НСНД генерално и подоцнежните такви настани во Македонија?
ИТ: Јас присуствувам само на НСНД во Белград. Самиот факт дека на овие (анти)конференции агендата се прави во првите неколку часа ги прави овие настани интересен и забавни.
ВП: Штета што огранизирањето на локалните НСНД настани е многу тешко. Неколку пропаднаа заради недостаток на организатори, но сѐ на сѐ мислам дека односот е многу поволен. За 3 години се одржаа околу десет локални (и три регионални) и најинтересно е тоа што од сите земји во регионот само во Македонија се одржуваат локални НСНД настани. Би бил многу среќен доколку заедницата продолжи да ги организира овие локални настани, секако и регионалните, но мислам дека повеќе треба да се фокусира на локалните бидејќи слободни собири од едукативен карактер без разлика на темите кои што ги покриваат се многу важни во време на наметнување на ниски културни вредности во нашата држава.
АЛ: После мојот прв контакт со локалната заедница преку IRC, се разви дискусија дека би било згодно и интересно да се организира СподелиЗнаење во друг град, надвор од Скопје. Во тоа време јас бев средношколец и успеав да обезбедам просторија и логистика за одржување на настанот во училиштето. Ова прерасна во првиот локален НСНД настан што се случи во Македонија. Подоцнежните вакви локални настани беа надоврзување на првиот и во сите нив учество земале и луѓе кои што беа од тамошниот град и немале можност да присуствуваат на некоја активност во хаклабот КИКА во Скопје.
#5 НН: Каде се среќаваат хардверот и софтверот кога зборуваме за слобода на корисниците?
ИТ: Мислам дека денеска е релативно лесно да се дојде до слободен хардвер (ардуино, beagleboard, odroid) кој е наменет првенствено за работа со слободен софтвер, така што за сите што сакаат да се занимаваат опции има.
ВП: За слободниот хардвер има многу повеќе слободен софтвер отколку за неслободниот хардвер. Би сакал да важи и спротивното, дека за слободниот софтвер постои многу голем избор на хардвер, но за жал мислам дека не е така.
АЛ: Идејата за слободниот хардвер, по теркот на слободниот софтвер зема зафат во последниве неколку години. Иако идејата за поврзување на слободниот хардвер со моделот на слободниот софтвер (модел на слободна лиценца и copyleft) е нова, самиот концепт е стар колку и самата изработка на хардверот. Многу често во минатото, во разни списанија луѓето кои што изработувале некаков електронски уред, истиот го објавувале јавно, само со идејата што е можно повеќе луѓе да го изработат истиот уред. Во денешно време, постои дефиниција за тоа што претставува слободен-отворен хардвер, кои се неговите слободи и кои слободи треба да ги има еден хардвер (без разлика дали тоа е електронски уред или нешто банално како столица) за да може истиот да се смета за слободен-отворен хардвер. Мислам дека слободниот хардвер заедно со слободниот софтвер се комбинација што победува. Примери за тоа може да се види во успехот на Arduino платформата како и сите проекти што излегле покрај неа.
#6 НН: Владан, ти учествуваше можеби во првите пообемни проекти на КИКА [на пр. Веб-синдикат]. Која е мотивацијата за вакви проекти во КИКА? Кој е вашиот омилен хаклабовски проект?
ВП: Мојата мотивација за работење на проекти во КИКА е учењето и работење со технологии со кои што не сум работел до тогаш. Бев вклучен и во неколку комерцијални проекти од кои целата добивка се искористи за покривање на месечните трошоци на хаклабот.
Еден од омилените проекти можеби ми беше „Велоскопје“ затоа што се заврши многу брзо (1 ден ако не се лажам) и беше интересно да се работи во технологиите во кои што се работеше. Исто така, мислам дека бев голем ентузијаст за овој проект заради социолошко-етичкиот аспет кој што требаше да го покрие, т.е. да ја развие свеста за користење на велосипедите како превозно средство и да помогне за непречено одвивање на велосипедскиот сообраќај.
Моментално работиме на метео кутии кои содржат сензори за мерење на разноразни гасови, метереолошки податоци, загаденост и тн. и интересното е тоа што во Скопје, Белград, Осјек и Загреб се работи на различни дизајни и имплементации. На овогодинешниот НСНД настан во Сплит ќе се сретнеме да поразговараме и да ги размениме идеите кои ги имаме разработено.
#7 НН: Владан, откако замина во Србија ти си активно вклучен и во работата на хаклабот во Белград. Можеш ли да направиш споредба во работата на двата хаклаби? Има ли лекции што можеме да ги научиме едни од други?
ВП: Белградскиот хаклаб се наоѓа во помал простор од скопскиот, другото е скоро исто. Работиме слични работи како во КИКА, се одржуваат курсеви за програмирање за почетници, напредни курсеви во Python и Haskell, се прават 3D принтери и метео кутии и т.н. Можеби една од позначајните разлики е тоа што белградскиот хаклаб покрај технолошки гикови има привлечено луѓе кои се лингвисти, филозофи, феминист(к)и и активисти, додека во КИКА голем дел од луѓето кои доаѓаат редовно се информатичари и заради тоа хаклабот во Белград делува како да опфаќа поголем дел и од таа сфера, но сепак технологијата е движечка сила, како и во секој друг хаклаб претпоставувам.
Лекцијата што ја научивме на потешкиот начин е да не го делиме просторот со други организации, поготово ако директно се бават со политика. Имавме прилично лоши искуства и се разнишаа односите во самиот хаклаб што доведе до заминување на некои од поважните членови.
#8 НН: Што мислите за големите хакески собири, како што е германскиот CCC?
ИТ: Не сум бил ниеднаш на ССС - можеби оваа година :) Мислам дека е настан кој би го интересирал секој што се интересира за технологија, компјутерски мрежи, системи и безбедност.
ВП: Конгресот во Германија е најдобриот и најдолготрајниот компјутерски конгрес ВО СВЕТОТ :) Секоја година го посетуваат повеќе од 5000 луѓе длабоко вклучени во многу сфери од информационите технологии. Конгресот содржи повеќе од сто презентации, излагања и форуми од технички, социјален и политички карактер, работилници за вештачка интелегенција, роботика, податочно рударење и работилници за електроника во кои се прават интересни и практични работи за многу малку пари. Плус, само таму може да се види како се синхронизираат пораките за грешка кај apple уредите :) Секоја година е посебно искуство на ССС конгресот, би го препорачал секому кому технологијата и дигиталната слобода му значат нешто во животот.
АЛ: Иако не сум бил на CCC (се надевам дека во блиска иднина ќе одам) мислам дека ваквите собири се одлично место за запознавање на луѓе од истата област, размена на идеи, проекти, искуство. На овие собири секогаш има многу интересни работи и многу интересни луѓе, со што се допринесува на развојот на глобалната хакерска заедница.
#9 НН: Која е вашата прва препорака за некој што сака да започне да користи слободен софтвер?
ИТ: Ако не ги сметаме Андроид уредите кои еден голем дел од луѓето веќе ги користат и еден куп други уреди или сервиси кои работат на слободен софтвер, тогаш мојата препорака до секој што се сака да користи слободен софтвер е да проба. Зависно од случајот може да има период на адаптација но мислам дека придобивките го оправдуваат евентуалниот напор за преминување и користење на слободен софтвер.
ВП: Да го користи и да проба да не се откаже многу брзо. Најголемиот проблем кај сите нови корисници на GNU/Linux е менувањето на околината и откажувањето од старите добро стекнати (роботизирани) навики, но мислам дека тоа е мала цена што би можел секој да ја плати за огромната слобода и знаењето што ги добива како награда. Кога ќе се пробие таа бариера нема враќање назад, или бар така покажало досегашното искуство.
АЛ: Едноставно би му рекол да проба да инсталира некоја GNU/Linux дистрибуија. После извесно време користење, самиот корисник ќе сфати дека сите алатки му се достапни.
#10 НН: Која е вашата омилена особеност што ја нуди GNU/Linux?
ИТ: Слобода на избор. Доколку некоја GNU/Linux дистрибуција престане да се одржува или не ги исполнува потребите, преминот на друга е лесно и без проблеми. Дури и корисник со малку искуство може самиот да решава кога (и дали) ќе премине на новата верзија, на новиот кориснички интерфејс, кои алатки и апликации ќе ги користи, итн... Флексибилност, стабилност и безбедност се другите причини зошто користам GNU/Linux.
ВП: Слободата за користење, менување, унапредување на софтверот и достапноста до сите можни ресурси кои се искористени за изработката на софтверските решенија вклучени во GNU/Linux. Можноста за учење и разбирање на концептите во оперативните системи и програмите читајќи го кодот и прифаќањето на работните принципи наметнати од страна на глобалната заедница се од непроценливо значење за секој човек кој е активен во било кое технолошко поле.
Мислам дека овде е многу важно да се споменат и GNU GPL лиценците за ослободување и одржување на слободата на софтверот без кои таа слобода веројатно немаше да опстои волку долго и во овој облик.
АЛ: Огромната слобода која е достапна на корисникот и целото комјунити што гравитира околу GNU/Linux средината. Можноста за правење на работната по ваш вкус е една од работите што мене ми се допаѓа највеќе. Воедно стабилноста на самиот систем го прави GNU/Linux незаменлив за мојата употреба на компјутер.