Имав 10 години кога родителите ме запишаа на курс за компјутери во Народна техника. Два пати во неделата патував до Карпош 3 со автобус до училницата каде за прв пат допрев компјутер кој работеше со помош на 5 инчна дискета. Не се сеќавам многу на тоа време. Добив некаква диплома на крајот на курсот. Мислам дека сѐ уште ја чувам во некоја кутија со работи од детството. Мислам дека одлуката на домашните за часови по компјутери не била водена од идејата дека тоа е нова технологија што треба да се учи, туку од фактот што тогаш многу деца од соседството беа испратени во Народна техника. Така и можам да го објаснам тоа што по овој курс преминав на кошаркарски тренинзи, исто така заедно со неколку други деца од соседството.

Дома немав компјутер, па така брзо заборавив сѐ што научив во Народна техника. Нешто подоцна добив некое Atari, но и тоа беше чуден исход што се однесува до компјутерите. Сите деца што тогаш имаа некаков компјутер имаа Commodore. Колку што се сеќавам не можеше да се користат истите касети со игри меѓу двата система или барем јас не знаев како, така што за мене во тоа време компјутерот што го имав беше бескорисна машина за пишување текст на телевизор. Кое дете сака да го прави тоа? Наместо да се занимавам со Atari-то, почнав да свирам гитара. Во летото 1994, веројатно како реакција на медиумски експлотираната смрт на Курт Кобејн, научив да го свирам Unplugged-от на Нирвана. Истата година се запишав во РЈК. Училиштето тогаш беше најдобрата математичко-информатичка гимназија во Скопје или барем така сите велеа. Моите мотиви сепак беа на друго место. Тогаш учениците таму го објавуваа списанието „Визија“.

Во овој момент часовите од Народна техника беа далеку од мене и од тоа што тогаш ми се чинеше важно. Сепак, судбината изгледа сакаше поинаку. Првото име што го препознав на часот по запознавање беше Игор Стаматовски. Тоа име, тогаш се сетив, го имав чуено и претходно, на часот по запознавање во Народна техника. По првиот училишен час се запознавме со Игор и оттогаш се дружиме, а подоцна и работиме заедно во Слободен софтвер Македонија. Народна техника се погрижи и за тоа на часот по информатика да го имам првото разочарување од образовниот систем во Македонија. Тоа што го учевме беше нешто што веќе го знаев, го имав учено пред 4 години (Basic, Pascal). Посебен негативен бонус беше што во РЈК задачите мораше да се решаваат на хартија. Како воопшто да се пишува и тестира програма на хартија? Во Народна техника тоа го правевме на компјутери. Некаде до полугодие ја добив и првата пониска оценка за поинаку решена задача. Ми се чини дека разочарувањето не можеше да биде поголемо.

Така повторно се оддалечив од компјутерите. Ако не ги бројам Warcraft и Starcraft, компјутер речиси и да не чепнав до 4 година кога правејќи ја „Визија“ требаше да научам некои трикови во Photoshop, Pagemaker и HTML. Сѐ уште имам дел од вештините за полседните две. Можам да се снајдам во слободниот Scribus и можам да читам HTML. Но мојот интерес за медиуми ме донесе многу поблиску до слободниот софтвер и отвореноста и јавноста на интернет, иако тоа нема да го препознаам уште неколку години. Во 1999 година правев интервју по е-пошта со Герт Ловинк. Кога ја читам денес таа размена ми личи на смешна. Матурант се обидува да звучи паметно во разговор со експерт за медиуми со меѓународна репутација. Сепак, идеите се таму. Но јас одам понатаму. Кога веќе не можам да пишувам (драматургија), одам во економија.

На факултет полека, но сигурно станував економски обучен неолиберал, иако не бев свесен за тоа. Но, во 2001 година го запознав Дамјан Георгиевски. Македонските news групи беа живи. Пиевме пиво во парк и се роди идејата да се формира bagra.org. Тогаш полека ми стана јасно дека не можам да ги следам сите дискусии што се случуваат, и дека пивото не е единствен виновник за тоа. Помошта ја добив во CD со документација за некоја верзија на RedHatLinux. Слободен софтвер, лиценци, GPL, отворен код... да искористам референца од Вилијам Гибсон: „Мозокот ми експлодираше во внатрешноста на черепот“. Одеднаш работите се поврзаа и сѐ ми стана појасно. Слободата на пазарот од факултет, отворената мрежа од Герт, зошто е важно да знаеш да читаш код... одлучив дека е конечно време да се качам на овој вагон. Земав да инсталирам некоја верзија на GNU/Linux (Mandrake ли беше?). Се разбира, првите три месеци ги потрошив на конфигурирање на модемот. На крај сепак купив нов екстерен модем и излегов на интернет за прв пат од GNU/Linux.

Следната 2002 година ја формиравме Слободен софтвер Македонија. Во рок од 48 часа, за еден викенд, го преведовме на македонски OpenOffice.org. Влеговме во дебата со Владата на Република Македонија за договорот за стратешко партнерство со Мајкрософт. Праќавме писма до пратениците и факсови до медиумите. Миша Поповиќ се појави сам пред зградата на Владата на денот на потпишувањето на договорот со голем банер „Слобода или виндоус“. Се сеќавам дека еднаш влегов во редакцијата на еден дневен весник за да му раскажам на некој новинар за проблемот со договорот. Ми се чини дека им беше тешко тогаш на новинарите да пишуваат против Мајкрософт. Со Дамјан и Миша држевме предавања на правниот факултет за слободниот софтвер и лиценците за студентите што имаа часови по информатика. Во една таква прилика професорот Ѓорге Иванов му се јави на новинарот Драган Антоновски за да го замоли да ја ислуша нашата аргументација за договорот со Мајкрософт. Вториов не покажа никаков интерес. Можеби не беше популарно да се зборува за тоа. А и требаше за контрааргументите да им се верува на 20-22 годишници. Сепак, некои написи се појавија во медиумите. Нешто подоцна во 2004 ја организиравме и поплавата со слободен софтвер, нашиот мал десант на конференцијата на Мајкрософт. Беше возбудливо. А и веста за акцијата заврши на slashdot. Тоа беше врв на на интернет славата во тие времиња.

Мислам дека отприлика во тоа време почнаа и обидите да се пишува Википедија на македонски јазик и првите регионални средби и запознавање на работата на луѓето од останатите републики на поранешна Југославија. Со Дамјан бевме во Белград не некоја Вики средба. Некако - не знам како - научивме за работата на Мултимедијалниот институт во Загреб. Таму се случуваа најдобрите работи: имаа нивен клуб, преведуваа книги како „Хакерскиот манифест“ на Мекензи Ворк и „Код и други закони на киберпросторот“ на Лоренс Лесиг. Се сеќавам на имињата на Томислав Медак и Марсел Марс. Ги имав некаде прочитано на интернет, потпишани под некој есеј или нешто така. И тогаш едно попладне ми заѕвони телефонот дома и возбудениот глас на Игор ме повика да дојдам во град: „Седиме на кафе со Марсел и Томислав во центар. Дојди.“. Не ми се веруваше. Стигнав. Првото нешто што го видов е дека имаа лаптопи.

Тоа беше почетокот на блиско пријателство и соработка. Благодарение на тоа, екипата од Скопје во 2007 година беше на самитот на КриејтивКомонс во Дубровник. Ги видовме во живо Лоренс Лесиг, Јохаи Бенклер, Бенџамин Мако Хил и Кори Доктороу. НСНД започна истата година во Сараево. Кога ќе погледнам наназад на почетоците на НСНД и другите дружења во регионот, за мене беше многу важно и тоа што запознав уште луѓе кои се интересираат за слободниот софтвер и неговата интеракција со околината од општествена гледна точка. Разговорите со Томи и Марсел беа бесценети. Но, придонесувањето кон проектите за слободен софтвер (тука за мене пред сѐ е Mozilla) ми овозможи и нешто што до тогаш го немав: патувања и запознавања на различни луѓе. Првиот печат во пасош ми беше од патување кон некоја конференција поврзана за слободен софтвер. Соработката со регионот ни помогна и да го видиме и чуеме Ричард Столман, основоположникот на движењето за слободен софтвер и авторот на GPL, во Скопје.

Во годините што следеа по 2007 заедницата растеше и го менуваше фокусот. Веќе не локализиравме толку многу. Идејата за хакери како субкултура и хакирањето како општествено корисна активност почна да фаќа корен. СподелиЗнаење и СподелиКино беа редовни во тогашната „Точка“. За прв пат отидовме (не и јас) на конгресот на CCC во Берлин. Презентацијата „Направи хаклаб“ одржана таму ја смени целосно приказната за сите нас. Импресиите и желбите беа преголеми. Од почетокот на 2008 започнавме со барање на место за хаклаб. Ќе бидат потребни скро 2 години, до октомври 2009 за да ја отвориме КИКА во зградата на Гео Институтот во Скопје. Приказната за наоѓањето на местото за КИКА вклучува пријателка од Германија, која на гости овде сакаше да се запознае со некои локални уметници. Јас ѝ бев водич до ул. „Железничка“ каде нѐ чекаше една сликарка, со која исто така се познаваме. Влеговме во Гео Институтот во делот каде што тогаш работеше група уметници под името Арт Институт. Јас веднаш помислив дека тоа е совршено место за хаклаб. По кратки преговори, КИКА 1.0 започна да работи.

Мислам дека КИКА е најголемиот и најзначајниот проект на Слободен софтвер Македонија. КИКА е место и за технологија и за политика. Нејзиното постоење само по себе од мое гледиште е политички проект. Тоа е место каде што тестираме дали во нашето општество може да живее нешто што ќе зависи само од парите и времето на неговите членови и (малку) пошироката јавност. КИКА е место чиј главен производ е токму нејзиното постоење.

Хаклабот и НСНД-ата донесоа нови луѓе и интересни работи. Мојата вклученост во последните неколку години не е како порано, но мислам дека можам да ги издвојам работата на Националната политика за слободен софтвер и акцијата против Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета како две нешта во кои посветено сум учествувал. Предавањата што ги одржав во мај во КИКА, меѓу кои и ова што заврши неколку реченици погоре, се мојот најнов придонес. Се надевам дека сето мое читање, пишување и зборување заедно со купот софтвер кој сум помогнал да се локализира, било корисно за нашата локална заеднца. За мене беше забавно. Сакам да мислам дека тоа е така со секоја работа што се прави искрено.

Веројатно ова им е јасно на сите што читаат текстов, но на крај да напишам - јас не сум програмер или било како формално образуван во компјутерски технологии. Сепак во последните десетина години имам научено повеќе работи за работата на компјутерите и софтверот, посебно слободниот софтвер. Можам со сигурност да кажам дека знам да надградувам инсталација на Drupal. Сум го направил тоа многу пати до сега одржувајќи го novica.duoscindo.net. Сум го прочитал туторијалот за Python барем пет пати. Не знам ништо да пишувам, но знам да читам Python. Мислам дека моето познавање на програмските јазици е како и моето познавање на германски јазик. Ако двајца зборуваат можам да разберам дека зборуваат за куче, но не и тоа што кучето направило. Знам да направам уште неколку работи, но не знам дали сето тоа може да се смета за некој успех. Низ годините барав помош од многу луѓе. Веројатно најголем дел од моите молби се упатени на адресата на Дамјан, за што должам голема благодарност.